ВИДЕО: Сопругата на Гоце Арнаудов по смртта на фолк легeндата за првпат го покажа семејниот дом

Пет години по смртта на македонската фолк легенда Гоце Арнаудов, неговата сопруга ги отвори вратите на семејниот дом и пред камерите на утринската емисија „Ја сакам Македонија“ евоцираше спомени од времето поминато со нејзиниот покоен сопруг.

-Од дете сум со Гоце и сите спомени што имам да ги кажам се само Гоце, Гоце, Гоце… го почна разговорот госпоѓа Силвија.

-Сакаше многу да ме гледа весела и среќна, некогаш дури се однесуваше како дете за да ме насмее. Многу шетавме заедно, бидејќи често гостуваше во странство. За последен пат, две години пред да почине бевме во Америка. Имам прекрасни заеднички доживувања оттаму. Тој правеше повеќе мене да ми биде убаво и се трудеше доста околу тоа. Бевме заедно на концерт на Бон Џови, иако не беше негов фан, јас го обожавам од мали нозе. Кога слушна дека тој ќе пее во Мајами, направи се за да дојде до карти само за јас да го слушам, раскажува Силвија и додава дека денес без Гоце најмногу и недостасува расположението кое тој го правел во домот.

-Таа празнина не се надополнува со ништо. Тој беше човек со ведар дух и расположение што само тој умееше да го направи во домот. Тоа денес најмногу недостасува, но ете животот тече, ние имаме две прекрасни деца и преостанува да се радувам сама и на среќата на децата. За жал тој нема да го дочека раѓањето на внуката што ја чекаме, но тоа е животот, со солзи во очите се присети таа.

Семејниот дом во Струмица изгледа како еден мини музеј на Гоце Арнаудов, преполн со фотографии, награди, инструменти, неговиот мобилен, часовникот…

Од видеото во продолжение погледнете го видео прилогот: