Сообраќајот во Скопје, како што минуваат годините, станува сè покомплексен. Денес сме сведоци на постојани сообраќајни метежи, голем број возила и долг повраток од работа. Но ако се вратиме неколку децении наназад, ќе наидеме на сосема поинаква слика.
Снимки од 1986 година сведочат за едно поинакво Скопје – со улици кои мирно дишат, сообраќај кој тече без застој, и јавен превоз што функционира според ритам на секојдневниот живот. Тогаш, градските автобуси имаа препознатлив изглед и користеа долгнавести хартиени карти за повеќекратни возења – детал што ќе го паметат многу скопјани.
Иако осумдесеттите беа време на промени и предизвици, атмосферата во Скопје од тоа време изгледа речиси идилично во споредба со денешните сообраќајни слики. Без автомобилски хаос, без стрес во сообраќајот – градот се движел со сосема поинаков ритам.