
Скопје ЗОО има посебна причина за радост. Го добија првото јајце од фламинга.
Од Скопската зоолошка градина информираа дека фламингата пристигнале во Зоолошка градина Скопје во 2020 година, кога било отворено нивното живеалиште - малата зелена лагуна создадена според нивните потреби.
„Тогаш тие беа млади единки, а кај овој вид половата зрелост и природната подготвеност за размножување доаѓаат подоцна, по неколку години. Затоа ова прво јајце е особено значаен момент за нас и доказ дека птиците постепено се адаптирале, созреале и се чувствуваат доволно сигурно во својата средина“, посочија од Скопје ЗОО.
Фламингата во Скопје ЗОО се од видот големо розово фламинго, познато по својата елегантна појава, долги нозе, розова боја и впечатливо однесување во група, а тимот на зоолошката и нивните зоонегуватели со големо внимание го следат целиот процес . Кај фламингата инкубацијата обично трае околу 27 до 31 ден, па во наредниот период со надеж ќе чекаме дали од јајцето ќе се изведе младенче.
„Ова е мал, но многу важен чекор за ЗОО Скопје, момент кој носи радост, надеж и уште една убава приказна од светот на животните“, порачаа од Скопската зоолошка.