(Видео) Пожар под скопското Кале зафати пет возила, повреден војник при интервенција

Пет патнички возила биле зафатени во пожар што избувна попладнево на улицата „Лазар Личеноски“, во непосредна близина на скопското Кале, спроти Градскиот стадион.

Пожарот бил пријавен во 15:40 часот, а според првичните информации, огнот започнал од сува трева и смет, по што се проширил на паркираните автомобили. Според Противпожарната бригада на Град Скопје, две возила изгореле целосно, додека кај уште три е причинета делумна материјална штета.

Командантот на бригадата, Звонко Томески, информира дека на терен веднаш биле испратени три противпожарни возила и осум пожарникари. Поради интензитетот на пожарот, започнала дислокација на неопожарените возила, со што било спречено неговото натамошно ширење. Пожарот бил локализиран и целосно изгаснат во 16:40 часот.

Во гаснењето на пожарот учествувале и припадници на Армијата, откако професионалниот војник Христијан Божиновски, при заминување од работното место, забележал дека пламенот веќе зафатил неколку возила. Тој веднаш побарал поддршка од припадниците на Армијата кои биле на должност на воениот стадион, по што тие интервенирале со противпожарни апарати.

„Проценувајќи ја сериозноста на ситуацијата и опасноста пожарот да се прошири врз останатите паркирани возила, војникот Божиновски веднаш стапил во контакт со командирот на воениот стадион во Скопје, барајќи поддршка за локализирање на огнот“, се наведува во објавата на Армијата.

При интервенцијата, Божиновски се здобил со полесни повреди на едната рака, по што му била укажана медицинска помош.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во пожарот е повредено едно лице, а биле опожарени возила. Благодарение на брзата реакција на надлежните служби, пожарот бил ставен под контрола и спречено е негово понатамошно ширење.