
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска информираше дека едно од најпрепознатливите места во срцето на градот, фонтаната која со години ги привлекуваше погледите на скопјани, гостите и туристите, а која поради долгогодишна негрижа беше оставена да пропаѓа, наскоро повторно ќе блесне во полн сјај.
„Денес, правиме темелно и трајно решение.Станува збор за комплексен систем со специјализирана опрема произведена во Германија и со автоматизација која бара прецизно усогласување и целосно враќање на функционалноста. Паралелно со сервисирањето на опремата, се врши и суштинско конструктивно унапредување на фонтаната“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека постојната носечка подконструкција, изработена од пластични носачи кои поддржуваа бетонски плочи со тежина од околу 100 килограми по елемент, ќе биде заменета со нова, цврста конструкција од иноксни профили, проектирана да издржи значително поголеми механички оптоварувања.
„Со ова, трајно ја зголемуваме стабилноста, безбедноста и долговечноста на целиот систем. Фонтаната повторно ќе биде место за средби, детска радост, фотографии, прошетки и убави спомени. Место кое ќе му ја врати живоста на плоштадот и повторно ќе стане една од најубавите слики од центарот на Скопје“, нагласи градоначалникот.
Воедно додаде и дека ќе бидат заменети и оштетените плочки на потегот од Порта „Македонија“.