Видео: Објавен трејлерот за „Човек - лав стори“ - филм за една скопска љубов

На 30. месецов во Кинотеката на Македонија, со почеток во 20 часот, премиерно ќе биде прикажан третиот краток филм за старо Скопје со наслов „Човек - лав стори“, чиј автор е Катерина Габунија. 

Третиот филм е всушност продолжение на првите два дела - „Тајните архиви на Скопје“ и „Раѓањето на градот“  за чија реализација скопјани несебично ја помагаат со сопствени снимки од приватните архиви.

-Во овој трет дел акцентот е на љубовта. Таа ги спојува сите генерации и ги поврзува минатото и сегашноста. Љубовта е најсилната емоција која секогаш ја освојува публиката пред филмското платно. Слатка, возбудлива и горка сме ја искусиле сите и најлесно ни е да се соживееме и да ја разбереме таа емоција. Љубовта е наша движечка сила, која не мотивира да твориме. „Човекот“ не е совршен, знае и да згреши, но љубовта која ја дава, барем на кратко (онаа таинствената) е најсилна и вистинска. Нефилмуваната љубов на скопјани е послатка и пореална од совршената, вели авторката за порталот „Република“.