(ВИДЕО) Му впери пиштол во глава, но му се закочи: Неуспешен обид за убиство во Албанија

52-годишен маж се обидел да застрела сограѓанин во глава среде кафуле во Елбасан. Драмата ја снимиле безбедносните камери, а нападнатиот маж успеал да се спаси од сигурна смрт.

Инцидентот се случил вчера околу 13 часот во кафулето „Арт Кофи Бистро“ во населбата „28 Нентори“(28  Ноември).

Според информациите на албанската полиција, осомничениот Поли Боричи седел во кафулето со сопругата. Кога 50-годишниот Ермир Кертези, познат и како Битоци, излегол на терасата за да разговара на телефон, Боричи тргнал по него.

Тој извадил пиштол од чантата и му го вперил во главата. Го повлекол чкрапецот, но оружјето закочило, пишуваат албанските медиуми.

Кертези веднаш му ја турнал раката и почнал да бега. Осомничениот накратко го бркал по улицата, а потоа побегнал.

Полицијата ја активирала акцијата „Реакција“ и по неколку часа го уапсила 52-годишниот Боричи. Кај него бил пронајден и пиштолот.

Според неговата верзија, зад обидот за убиство стои крвна одмазда.