ВИДЕО: „Лајка“ извлече четири кучиња заробени во напуштен автомобил

Четири вознемирени кучиња во скопската населба Аеродром вчера беа извлечени од хаварисан автомобил во кој биле затворени. Јавното претпријатие за згрижување бездомни кучиња „Лајка“  објави видео од извлекувањето на кучињата.

„По многубројни пријави од загрижени граѓани, за кучиња кои со месеци константно се затвараат во возило во населбата Аеродром, вечерва на иницијатива на ЈП Лајка е постапено во соработка со инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство и полициска асистенција. Кучињата ќе бидат згрижени во нашето прифатилиште, а по укажаната ветеринарна грижа максимално ќе се ангажираме да им најдеме соодветен дом“, велат од Лајка и додаваат дека за овој проблем со месеци се барало решение, но не бил најден компромис со сопственикот на возилото.

Кучињата беа оставени во автомобил со скопски регистерски таблички.

Според неофицијални информации, станува збор за четири улични кучиња, а сопственикот на возилото секоја вечер ги затворал внатре, за да бидат на топло, а изутрина повторно ги пуштал.