Видео: Кривична пријава против полицаецот кој со пендрек го удри Талески

На дербито меѓу Вардар и Пелистер во финалето на ракометниот Куп се случи сериозен инцидент кога еден полицаец го удри македонскиот репрезентативец Филип Талески по глава со пендрек.

Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава против Х.Р., вработен како полициски службеник во полициска станица на подрачје на СВР Охрид, поради постоење основи на сомневање дека сторил кривично дело „малтретирање во вршење на службата“, по член 143 став 1 од Кривичниот законик.

Како што соопшти МВР, пријавениот на 13.05.2023 година, околу 20.00 часот во Спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид по завршување на ракометен натпревар, при вршење на службата со умисла извршил малтретирање врз оштетениот Ф.Т. на начин што неосновано и прекумерно употребил средства за присилба врз него.

-Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, како овластен предлагач, против Х.Р. ќе покрене постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, а работникот ќе бидат суспендиран од работа до завршување на дисциплинската постапка, информираат од МВР.