ВИДЕО КОЕ ЈА КРЕНА ЈАВНОСТА НА НОЗЕ: Возило на Итната помош блокирано од непрописно паркиран автомобил

Видео објавено на социјалните мрежи прикажува вознемирувачка ситуација пред скопската Градска болница – возило на итната медицинска помош не може да се вклучи во сообраќајот поради непрописно паркирано патничко возило. Сцената, која за многумина е секојдневие во Скопје, предизвика лавина од реакции, бес и осуда од граѓаните.

„Додека не се воведат високи казни и санкции, ништо нема да се смени“, „Ова само ‘интелигентен’ Скопјанец може да го направи“, „На овој идиот му треба затворска казна, не парична“ – се само дел од бројните коментари под видеото, кое за кратко време се прошири на социјалните мрежи. Граѓаните предупредуваат дека ова не е изолиран случај, туку уште една слика за културата на сообраќајна недисциплина и недостатокот на елементарна одговорност.

Коментарите се движат од иронични до длабоко гневни: „По балансерот, колата сигурно си е пропишно паркирана, кој му е крив на амбулантното комбе што не може да лета... Господ нека ни е напомош.“

Овој случај уште еднаш ја отвора болната тема за сообраќајниот хаос пред здравствени установи, но и пошироко, каде паркирањето „каде ќе стигнеш“ стана правило, а последиците – потенцијално фатални.