
По повеќе од 60 години поминати во Музејот на византиската култура во Солун, реликвиите на средновековниот владетел Цар Самоил се подготвуваат за транспорт со највисоки државни почести.
Порталот „4NEWS.mk“ објави автентична снимка која ја прикажува состојбата и подготовката на посмртните останки што му се припишуваат на цар Самоил, непосредно пред нивното официјално примопредавање на бугарските власти.
Кадрите, кои брзо го привлекоа вниманието на регионалните медиуми, нудат редок поглед кон артефактите и коскените остатоци откриени уште во 1965 година од грчкиот археолог Николаос Муцопулос на островот Свети Ахил во Преспа.
Овие останки со децении беа предмет на строги музејски протоколи во Солун и срж на долгогодишни дипломатски надмудрувања.
И додека во Софија се подготвува грандиозен пречек со воени авиони и државни почести на плоштадот „Кнез Александар I“, видеото отвора и дополнителни дебати меѓу научната јавност. Голем дел од експертите потсетуваат дека врз коските сè уште не е извршена современа ДНК-анализа со која би се потврдила нивната автентичност со апсолутна сигурност.