Голем пожар избувна денеска попладне во близина на Сивири, на полуостровот Касандра во Халкидики, поради што грчките власти издадоа итно предупредување преку системот 112.

На жителите и туристите во Сивири им е наредено да го напуштат подрачјето и да се упатат кон Мола Калива. Евакуацијата е наредена поради опасноста огнот да се прошири, особено поради силниот ветер што го отежнува гаснењето.
Според досегашните информации, пожарот засега гори во ниска вегетација, но во близина се наоѓа шумско подрачје. Временските услови создаваат дополнителен ризик пламените јазици брзо да се прошират. На терен се ангажирани 122 пожарникари со 41 противпожарно возило. Во гаснењето учествуваат и девет авиони и три хеликоптери.
Евакуацијата предизвика сериозни проблеми во сообраќајот во областа. Голем број жители и туристи истовремено се обидуваат да го напуштат Сивири, поради што на патиштата се создаваат колони.
Пожарникарските екипи продолжуваат со интервенцијата, додека надлежните служби ја следат состојбата и проценуваат дали ќе биде потребна дополнителна евакуација.
Евакуација и по море
Поради пожарот, властите организираат и евакуација по море од плажата кај населбата Папакирици во Фурка.
Во операцијата учествуваат еден брод на крајбрежната стража, девет приватни чамци и глисер за превоз на патници, додека уште еден брод на крајбрежната стража се упатува кон областа. Во гаснењето се ангажирани 142 пожарникари, меѓу кои и четири специјализирани тимови за шумски пожари, со 42 противпожарни возила. Од воздух дејствуваат девет авиони и седум хеликоптери, од кои еден е ангажиран за координација на воздушната операција.
Во интервенцијата помагаат и цистерни со вода и тешка механизација од локалните власти. Причината за пожарот засега не е официјално потврдена. Грчкиот јавен сервис ЕРТ објави дека силниот ветер можеби предизвикал пад на електричен столб, при што искра го запалила околното земјиште.
Од петок дополнителни ограничувања
Пожарот избувна во период кога Халкидики се соочува со зголемен ризик од шумски пожари. Поради опасноста, властите најавија привремено ограничување на движењето на пешаци и возила во шумски подрачја во општините Касандра, Ситонија и Аристотелис.
Ограничувањата стапуваат во сила во петок. Во Касандра и Ситонија ќе важат од 8 до 20 часот, додека во Аристотелис, каде што ризикот од пожар е оценет како многу висок, ќе останат во сила до 8 часот во сабота.
Полицијата ќе ги контролира пристапите кон шумските патишта, а лицата што ќе бидат затекнати во забранетите подрачја може да бидат отстранети. Исклучок се волонтерите кои учествуваат во активности за спречување и гаснење пожари.
Мерките опфаќаат делови од полуостровите Касандра и Ситонија, како и подрачјата меѓу Комица и Уранополис и во близина на Стратони во Аристотелис. За непочитување на забраните е предвидена административна казна од 300 евра. Надлежните ги повикаа жителите и туристите да ги следат официјалните упатства и да не се обидуваат да се враќаат во евакуираните подрачја.
Во текот на денот пожари беа пријавени и во други делови на Грција – кај Вартоломио, во западниот Пелопонез, каде што гори ниска вегетација, и во близина на Макинеја кај Нафпактос, каде што огнот зафатил шумско подрачје. И во овие случаи на терен се ангажирани копнени и воздушни сили, а жителите се повикани на зголемена внимателност.