(ВИДЕО) Димни бомби и тепачка во српскиот Парламент - пратеничка доживеа мозочен удар

Хаос денеска на седница на српскиот парламент. Се степаа пратениците на власта и опозицијата, а во инцидентот има и повредени пратенички. Една пратеничка доживеала мозочен удар.  

Претседателката на Собранието Ана Брнабиќ од говорницата изјави и дека на пратеничката Јасмина Обрадовиќ и се слошило и дека итната помош интервенирала откако била изнесена од салата.

– Таа е во критична состојба, имаше мозочен удар и се бори за живот. Таа е во смртна опасност бидејќи ја погоди шок-бомбa – изјави Брнабиќ.

Станува збор за пратеничка од листата на Александар Вучиќ. Родена е 1961 година и дипломирала економски науки. Пратеничка е од 2012 година. 

Инаку, како што може да се забележи и од видеата пратениците фрлале димни бомби, а салата се наполнила со чад.

Брнабиќ, која реагираше на чадот во салата, рече дека седницата мора да се прекине.

Пратениците меѓусебно се туркаа, удираа, фрлаа вода, а подигнат беше и транспарент на кој пишува „Србија се крева за да падне режимот“.

Во Собранието пристигна министерот за полиција, Ивица Дачиќ.

Според најавите, треба да биде констатирана и оставката на премиерот Милош Вучевиќ, која ја поднесе на 28 јануари.

Пратеникот на СНС, Миленко Јованов, предложи точката за разрешување на претседателката на собранието, Ана Брнабиќ, да се симне од дневен ред. И покрај негодувањето на опозицијата, владините пратеници го усвоија овој предлог.

„Почитувани пратеници, ова собрание ќе продолжи да работи. Барам пратениците од мнозинството да се вратат во своите фотелји, треба да донесеме закони. Имаме работа, Србија никогаш нема да застане. Седнете и ајде да работиме. Ваква Србија никогаш нема да победи“, рече претседателката на собранието, која, поради димот, се закашла и не можеше да зборува. 

Опозициските пратеници запалија црвени и црни димни бомби и раширија транспарент на кого пишува „Србија стана за режимот да падне“.