
Од Царинската управа денеска информираа дека бил спречен обид за сериозен меѓународен криминал, при што запленети биле девет пиштоли од кои пет со голема пробивна моќ. Едно лице, македонски државјанин, е лишено од слобода и се наоѓа во притвор.
„Делото било откриено во вторникот вечерта од страна на царински службеници на граничниот премин Богородица, на излез од државата, при детален претрес на возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин при што во кровот, помеѓу лимот и тапацирот, се пронајдени пиштоли од марката „Црвена Застава“, посочуваат од Царина.
Од Царинската управа додаваат дека случајот е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, кое го лишило од слобода лицето, и по преземање предистражни дејствија против него е поднесена кривична пријава до ОЈО Гевгелија за сторено кривично дело „неовластено држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“, казниво согласно Кривичниот законик. По наредба на јавен обвинител, лицето се наоѓа во притвор, а истрагата е во тек.