Вицепремиерот Димитров на средба со холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп

Заменик – претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров денеска имаше средба со амбасадорот на Кралството Холандија во земјава, Дирк Јан Коп, на којашто станало збор за билатералната соработка, со акцент на заедничките проекти во светло на исполнувањето на европската агенда на Северна Македонија во периодот што следи.

-Владеењето на правото и доброто владеење, институционалното зајакнување во контекст на капацитетите и ефикасноста, се заштитен знак на Холандија, еден од моделите на земјите членки на Унијата кон кои стремиме. Стремежот е дофатлив токму преку евроинтегративниот процес чија задача е усогласување не само со легислативата, туку и со европскиот стандард и подобрени услови за живот на македонските граѓани, истакнал Димитров на средбата, соопштија од Секретаријатот за европски прашања (СЕП).

Димитров изразил задоволство од меѓусебната соработка во рамки на програмата МАТРА особено важна со оглед на нејзиниот фокус во областите на владеење на правото, добро управување и демократија.​