Везени пиперки – есенска фасада на секоја македонска куќа

Дали сакаме или не, секако мора да се збогуваме со летотот. На праг е есента, а есен не би била тоа што е, ако не се подготвуваме за зимата. Барање решение за тоа како ќе се грееме и спремање на зимница.

Правење на ајвар, лутеница, пинџур, мармалад, слатко и разни сосови се само еден дел од она што го спрема секое домаќинство во пресрет на долгата зима. Но, она што е секојдневие, и она што може да се забележи речиси на секоја македонска куќа се низите со везени пиперки.

Везените пиперки се одлични за зимските јадења, за разновидните макала, и како прилог во речиси секое јадење.

Не постои куќа на која овој период нема да забележите барем една ваква низа. Се сушат сега додека времето е топло надвор, а потоа се внесуваат во затворена просторија или пак се ставаат во фрижидер, во зависност кој каде може да ги чува.

За странците низите со суви пиперки се доста интересни. Секогаш се загледуваат во нив и ги фотографираат. За нас, тоа не е ништо ново.