
Несакан допир, ветувања за напредување во замена за сексуални услуги и закани за одмазда. Ова се најтешки облици на сексуално вознемирување во училиштата утврдени преку истражување на Комисијата за заштита и спречување на дискриминација (КСЗД), која вели дека најчесто е вербалното вознемирување, а речиси секој осумнаесетти вработен бил изложен на навредливи сексуални шеги.
Истражувањето, спроведено со 1.057 вработени во 26 училишта низ цела Македонија, покажува дека жените се до 4,6 пати почесто погодени со сексуално вознемирување, а техничкиот кадар е речиси три пати поизложен од наставниците.
Особено загрижува податокот дека дури 9 проценти од вработените во техничките служби, односно приближно секој единаесетти, изјавиле дека доживеале несакан физички допир.
Најраспространета форма на сексуално вознемирување, според истражувањето, се навредливите сексуални шеги, на кои биле изложени 5,5 проценти од испитаниците, односно приближно секој осумнаесетти вработен.
Од Комисијата предупредуваат дека ваквото однесување често се релативизира и се претставува како безопасна шега, иако може да претставува сериозна повреда на достоинството на вработените.
„Ајде бе, само шега беше“. Колку пати сте ја слушнале оваа реченица? Навредливите сексуални шеги се најчестата форма на сексуално вознемирување на работното место (5,5%). Шега е кога сите се смеат. Кога некој молчи, се црвени или излегува од просторијата, тоа е вознемирување“, нагласуваат од Комисијата.
Потпретседателот на КСЗД, Зекир Абдулов, посочува дека образовните институции мора да обезбедат безбедна работна средина за сите вработени, без оглед на нивната позиција или работните задачи.
„Училиштето треба да биде безбедно место не само за учениците, туку и за секој што работи во него. Сексуалното вознемирување не е шега ниту приватен проблем – тоа е дискриминација забранета со закон“, истакнува Абдулов.
Тој нагласува дека согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, сексуалното вознемирување претставува форма на дискриминација, а работодавачите имаат законска обврска да преземат соодветни мерки за негово спречување.
Ова значи дека училиштата, како работодавачи, имаат одговорност да обезбедат работна атмосфера во која вработените нема да бидат изложени на понижувачко, навредливо или сексуално вознемирувачко однесување.