Весна Бејби: Нема шоу бизнис одамна, ниту пак сцена, а вие сте запнале за некој кој регуларно продал карти?

Бура од реакции низ социјалните мрежи за концертот на балканската ѕвезда Јелена Карлеуша која на настапот во Скопје го развеаа македонското знаме и ја испеа „Бисер Балкански“. 

Препукувања, навреди, коментари од различен тип споделија Македонците. На едни им се допадна гестот, други ја осудија, трети прифатија што Карлеуша, каква и да е како уметник, ја испочитува земјата во која настапува. 

Со свој став кој звучи навистина освестувачки се огласи и нашата позната актерка Весна Петрушевска. 

Очигледно револтирана од бројни пропусти во земјава, таа алудираше дека е тривијално да се замараме со Карлеуша додека на земјава ѝ недостигаат многу елементарни нешта за квалитетен живот. 

Нејзината објава ви ја пренесуваме во целост: 

Си реков да одморам малку од постојано учење,читање,подготовки за претставата која ќе ја режирам....отварам вести: Карлеуша, гаќи, знаме, Саша Ковачевиќ (секогаш внимателно читам се што ќе отворам и не само наслови).

Па да ве прашам најискрено:

Дали немате попаметна работа?

Дали знаете дека има секојдневно насилство помеѓу врсници?

Дали знаете дека број еден смртност од рак во Македонија е рак на дојка?

Дали знаете дека немаме систем кој се грижи за децата со ментално здравје? (фала на себеси и на мојата работливост, храброст и едукација, па моите деца се во странство да не мора до крај на живот да страдам и да умирам од булингит кој го поднесуваа)

Дали знаете дека нема лекови?

Дали знаете дека од ден на ден стануваме земја на стара популација?

Дали знаете дека насмевката е најскапото нешто во Македонија?

Дали знаете дека уметниците во Македонија се ретки зверки?

Дали знаете дека имаме најскапа струја?

Дали знаете дека нема шоу бизнис одамна ниту пак сцена, а вие сте запнале за некој кој регуларно продал карти?

Дали знаете дека умира тв етерот и станувате заложници на лажни вести,профили на социјално мрежи и лигавење на истите од страна на разни појави?

Дали знаете дека преживуваме?

Сега може слободно повторно да се дразните со „големите проблеми" во вашиот живот.

Отидов да се бавам со мојата најголема љубов, театарот. Да сте живи и здрави!