
Вештачката интелигенција и алатките како ChatGPT сè почесто стануваат дел од образовниот процес, но истовремено отвораат сериозни прашања за тоа какво влијание имаат врз учењето, читањето и развојот на младите.
Професорката Елизабета Томевска-Илиевска од Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје, која 25 години работи во областа на педагошките науки предупредува дека технологијата не треба да го замени мисловниот процес кај учениците и студентите, особено во најраната возраст, кога се поставуваат темелите на јазичната писменост.
„Ќе бидам директна и искрена – да, загрижена сум. Како професор со долго искуство и со поминати многу генерации, вештачката интелигенција треба да служи како алатка, а не како втор ум за учениците и студентите!“ - децидна е професорката.
Во стручен одговор појаснува за актуелната дебата за тоа дали новите технологии им помагаат на учениците да учат или постепено го заменува нивното самостојно размислување.
- Секако дека не можеме да ја игнорираме современоста кога вештачката интелигенција, дигиталните асистенти и паметните платформи (како ChatGPT) со молскавична брзина навлегуваат во секојдневието на младите, притоа завршувајќи им голем дел од училишните и академските обврски. Оваа реалност природно наметнува низа дилеми, меѓу кои најчестата е - дали вештачката интелигенција е закана или алатка? Хегел во една прилика напишал дека познатото не е „спознато затоа што е познато“.
Па така и во нашето образование многу работи се кријат под превезот на познатото, без да бидат осознаени во нивната суштина, а за жал со сведоштво на недостаток на стручна и научна спознајност, оправданост, прифатеност и одобреност.
Ќе се согласиме дека, технологијата сама по себе не е закана, туку претставува моќна алатка со чија помош може да се забрза и олесни процесот на учењето, но само ако се користи свесно и умерено со посебно стручно преиспитување на која возраст, што, како и колку треба да биде достапно.
Тоа што загрижува е кога технологијата почнува да ги менува основните човечки процеси, особено кај најмладите. Книгите и печатениот збор не смеат да ја загубат својата моќ, бидејќи тие се темел на длабокото размислување.

Особено внимание во дебатата за вештачката интелигенција во образованието треба да се посвети на најмладите ученици, кај кои читањето и пишувањето се темел за понатамошниот когнитивен и јазичен развој.
- Особено е критично кога зборуваме за процесот на раното јазично описменување. Во овој чувствителен период за децата, согласно со нивниот когнитивен, физички и социоемоционален развој, неопходно е да се врати пишувањето со рака наместо чукањето на тастатури, како и читањето од класична, печатена литература за деца и млади.
Постојат четири основни јазични вештини, и тоа: слушање, зборување, читање и пишување. Семејството, како прва средина во којашто детето расте и се развива, треба да посветува внимание и да одвои време што ќе биде наменето за прераскажување приказни, читање на сликовници што се богати со колоритни илустрации преку кои детето ќе го гледа тоа што го слуша.
Истовремено детето слуша и гледа. Постепено, на тој начин, започнува самостојно да си создава и претставува замислени слики додека некој му чита.
За жал, не можеме да бидеме горди на резултатите што ги постигнуваат нашите ученици во поглед на читачките способности, прво во однос на одвоеното време на читање, брзината на читање и читањето со разбирање.
Неоспорен факт е дека дигиталните и визуелните медиуми се дел од секојдневието на децата и младите. Но, како овие медиуми да бидат само поддршка на читањето, а не и замена на читањето и единствен извор за читање и за запознавање со литературното дело.
Прво, печатеното дело посебно во раноучилишната возраст на децата не може и не смее да биде изедначено со дигитализираниот извор. За причините можеме да зборуваме долго, но во оваа прилика ќе се осврнам на неколку.
Прво, видот на внимание и концентрација коешто детето го добива и го развива преку читање на печатен текст. Изостануваат боите, звуците, брзото преминување од една на друга страна, а притоа се фокусира на координација помеѓу око-рака-прст. Можност за соодветна синхронизација на она што го чита со мисловниот процес.
Да се потсетиме дека читањето претставува еден од посложените мисловни процеси кај децата, особено на децата од раноучилишната возраст, бидејќи паралелно од преминот на механичко читање кон читање со разбирање се случуваат мисловни процеси во коишто детето го визуализира, односно си прави слики и претстави за тоа што го чита.
За тоа е потребна голема концентрација, фокусирано читање и од таму логичен е брзиот замор кај оние кои немаат навика за читање и имаат тешкотии при читањето.
Нареден сегмент е продукција на аудиосликовници, дигитализирани секвенци од лектирни изданија богати со интерактивни вежби, активности, тестови, задачи и квизови што ќе бидат во функција на обработка и анализа на лектирните дела.
Понатаму, потребно е да се стимулира редакцијата на образовни и детски емисии посветени на читањето. Во нашата држава треба да се работи на кампањи кои ќе ја подигнат свеста за читањето.

Преголемата изложеност на екрани и дигитални содржини остава сериозни реперкусии врз: концентрацијата на децата и младите и одржувањето на вниманието; брзината и правилното читање; способноста за читање со разбирање; правилно зборување и ефективно слушање.
Читањето и пишувањето како основни јазични вештини претставуваат темел на целокупниот напредок на учениците во сите наставни предмети и области. Па така, без правилно описменување, ученикот се соочува со трајни пречки во логичкото расудување, писменото и усното изразување.

Затоа, вештачката интелигенција и паметните уреди треба да ги третираме исклучиво како корисни помошни алатки во повисоките фази во воспитно-образовниот процес, но никогаш како замена за мисловниот процес, пишувањето со рака и допирот со печатената книга во развојот на младиот човек.
Од овие причини, треба да бидеме многу внимателни при креирањето на образовните политика во сферата на дигитализацијата и примената на вештачката интелигенција во сите воспитно-образовни потсистеми, со целовремена консултација на стручната фела, следење на научно-истражувачките резултати, како и искуствата од европските земји кои имаат развиени образовни системи. Следиме дека Финска, Данска, Норвешка, Шведска, Франција и Италија во наставата ги враќаат печатените книги и пишувањето со рака, заклучува професорката Томевска-Илиевска.