Верувате ли во Црна Магија

Верувањето во магии, карти, урок или разни други начини за предвидување на иднината се широко распространети на нашите простори. Познато е дека голем дел од луѓето се обраќаат за помош кај разни бајачк или луѓе кои тврдат дека поседуваат надприродна моќ.

Бајачките имаат поволен терен на нашите простори за развивање на својот бизнис, па одат дотаму што за своите услуги наплаќаат и по 100 евра. Огласи од луѓе кои убедуваат дека поседуваат посебна енергија или дека на било кој начин можат да влијаат на нашите животи ги преплавуваат сајтовите за огласи.

Најчесто во нив се споменува давање помош за излез од моменталната лоша финансиска или било каква друга ситуација, тргање на урок или црна магија, нарушени семејни односи, консумирање на алкохол, наркотици или било каков друг порок,  немањето деца или љубовни проблеми... Генерално гледано, работи кои се дел од секојдневието на луѓето и им претставуваат товар или ги сметаат за нерешливи. Не случајно потенцијалните „бајачи“ целат кон луѓе кои се чувствуваат беспомошно.

Новинарка која сакала да ја истражи сторијата се јавила на еден од броевите кој го нашла на оглас, велејќи дека нема среќа во љубовта, односно дека по долга врска која ја прекинала пред 5 години не може да најде друг маж. Бајачката и рекла дека е потребно да понесе 80 евра и да дојде за да и ја отстрани црната магија. Магијата, имено, и ја има фрлено претходниот партнер, кој пред неа бил во врска со Ромка.

Луѓето кои се очајни, често пати се спремни да поверуваат во приказните на овие луѓе, па дури и дебело да платат за да го чујат нивното мислење.