„Вера, Надеж и Љубов“ - Денеска е убав и моќен празник за верниците

Пред речиси два милениума, во Рим, една мајка била сведок на страдањето на своите три малолетни ќерки. Вера имала 12 години, Надеж 10, а најмладата Љубов само девет. Нивните имиња, кои симболизираат три од најзначајните христијански добродетели – верата, надежта и љубовта, денес се паметат низ христијанската традиција.

Денеска, 30 септември, православната црква го одбележува споменот на светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија. Нивното житие е поврзано со времето на римскиот цар Адријан, кога христијаните биле изложени на прогон и страдања поради својата вера.

Според преданието, Софија останала цврста во својата вера и покрај тешкото искушение низ кое поминале нејзините ќерки. Нивната приказна низ вековите останала симбол на истрајноста, мајчинската љубов и непоколебливата вера. 

-Биле изведени пред царот, тие сите четири држејќи се за раце смерно, но одлучно, ја исповедаа верата во Господ Христос и одбија да ѝ принесат идолски жртви на Артемида. Пред страдањето, мајката ги крепеше ќерките со совети да истраат докрај. „Вашиот небесен женик Исус Христос е вечно здравје, неискажлива убавина и живот бесмртен. И кога вашите тела ќе бидат убиени во маки, он ќе ве облече во нераспадливост и раните на вашите тела ќе светнат на небото како ѕвезди.“ Мачителот ги мачеше со лути маки сите, една по една: најпрво Вера, па Надеж, па на крајот Љубов. Ги тепаа, ги сечеа, ги фрлаа во оган и во врела смола и најпосле една по една ги убија со меч. Софија ги зеде мртвите тела на своите ќерки, ги однесе надвор од градот и таму чесно ги погреба. Остана на нивниот гроб три дена и три ноќи молејќи го Бога и така му го предаде својот дух итајќи во рајските населби, каде што ја чекаа душите на нејзините блажени ќерки, се наведува во црковните написи. 

Вера, Надеж и Љубов се пример за чистота, непоколеблива вера и љубов кон Бога, а мајка им Софија е симбол на мудроста и духовната сила која ги воспитала во Христовата вистина. 

Празникот е посветен на жените и нивните деца, првенствено ќерки. Се верува дека девојчињата треба да ги израдувате со некој подарок, колку и да е тој скромен. Ќе биде доволно да им посветите внимание и да им покажете колку ги сакате. 

Исто така, како имињата на девојчињата, Љубов, Вера и Нада, станаа симбол на секој христијанин. Верниците сметаат дека на овој ден треба да се воздржите од секакви зли мисли и да се посветите на љубовта кон ближните.

Нивното сведоштво останува вечна порака дека добродетелите – верата, надежта и љубовта – се темели на кои стои секој христијански живот, а мудроста е таа што ги чува и усовршува.

На овој ден именден празнуваат: Софија, Софка, Вера, Верица, Нада, Надежда, Натка, Љубе, Љупчо, Љубен, Љубомир, Љубосав, Људмил, Љуба.