Под слоганот „Храна за душа“, од денеска до 14 мај во арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи 37. издание на Саемот на книга.
Tри нешта ќе најдете на Саемот на книгата: книга од светлини сочинета, другар - читател и другар писател, расположени за разговор, порача нашиот познат писател и професор Венко Андоновски во објава на социјалните мрежи каде сподели „Слово празнично за книгата“.
- О, среќни нека сте ни вие, благи денови на книгата! Саем, празник на словата, на книгите. Празник за сите оние кои се грижат да си ги наполнат книгохранилниците. Книгохранилница, словохранилница – стари наши зборови за библиотека. Да „храниш“ нешто, на старословенски значи да сочуваш нешто. Саемот наш е – душохранилница, ни ја чува душата. Има ли поголема библиотека од душата?!
Кој не чита тој не постои, зашто постоењето е дишење. И читањето е дишење. И пишувањето е дишење.
Повелете на Саемот, да дишеме. Да видиме како светлината директно излегува од отворена книга, да ги галиме со око и душа буквите во слова здружени, како во гроздови најслатки, храна боговска за срцето и душата.
Три нешта му се потребни на писателот: хартија, мастило и душа.
Три нешта му се потребни на читателот: книга, око надворешно и око духовно.
Три нешта му се потребни на човекот: љубов, книга и светлина.
Сите три нешта ќе најдете на Саемот на книгата: книга од светлини сочинета, другар - читател и другар писател, расположени за разговор, пишува Андоновски упатувајќи покана до сите вљубеници во пишаниот збор да го посетат Саемот на книгата во Скопје.