Венко Андоновски се закити со наградата „Златен витез“

Највисоката награда за драматургија „Златен витез“, која се доделува на Меѓународниот книжевен форум „Златен витез“ во Русија, му припадна на писателот Венко Андоновски.

„Златен витез“, годинава се одржа по 13-ти пат, а постои од 2010 година. Се одржува секоја година во октомври, по повод годишнината од раѓањето на славниот руски поет Михаил Ј. Лермонтов.

Награди на Форумот се доделуваат за повеќе уметнички области, а годинава пристигнале 428 дела од 12 земји.

На  Андоновски наградата „Златен витез“ за драматургија  му е доделена за книгата „Три пиеси за театарот“, коjа излезе минатата година во Москва, преведена од Олга Панкина, позната афирматорка на македонската литература на руски јазик. Книгата на Андоновски, која на руски  ја објави престижната издавачка куќа „У Никитских ворот“, ги содржи пиесите „Словенски ковчег”, „Олово на перницата” и „Граница”.