Велосипедски и пешачки патеки и повеќе паркинг простор на улицата „Орце Николов

Новиот сообраќаен проект за улицата „Орце Николов“ предвидува намалување на коловозната лента на шест метри во интерес на изведба на нови велосипедски патеки во должина од 2.400 метри и нови пешачки патеки во должина од 2.200 метри, што ќе овозможи поголема безбедност на сите учесниците во сообраќајот.

Сообраќајно решение за улицата денеска го презентираа градоначалниците на Скопје и на Центар Петре Шилегов и Саша Богдановиќ.

Со проектот е предвидено и поставување монтажен кружен тек на крстосницата меѓу улиците „Орце Николов“ и „Аминта Трети“ или поранешна „Ленинова“ и воведување паралелно паркирање за што ќе бидат изведени т.н џебови за паркирање, долж целата улица.

– Реконструкцијата на улицата „Орце Николов“ претставува капитален проект на Општина Центар од повеќе аспекти. Со новото сообраќајно решение ќе бидат подобрени инфраструктурните и безбедносните аспекти на една од најфреквентните улици во централното градско подрачје, при што е ставен посебен акцент на зачувување на зеленилото. Реконструкцијата предвидува адаптација на улицата и изведба на џебови со цел на граѓаните да им се овозможи паралелно паркирање, сите дрвја кои се веќе на улицата остануваат таму каде што се, рече Богдановиќ.

Дополнителна придобивка од овој проект, како што рече, е што ќе овозможи непречено движење на пешаците и велосипедистите на улицата и ќе го стимулира користењето на велосипедот како алтернативен начин на сообраќај во насока на намалување на загадувањето.

По изведбата на велосипедските и пешачките патеки и новите паркинг места, целосно ќе бидат реконструирани 9.330 метри од коловозот, а на одредени локации ќе бидат поставени пет подигнати премини т.н „лежечки полицајци“, кои ќе овозможат нормализирање на брзината на движењето на возилата.

Градоначалникот Шилегов изрази задоволство од предложеното решение и рече дека и се на располагање на Општина Центар.

Општина Центар годинава предвидува реконструкција на уште седум улици.