Велосипедската патека на булевар Партизански одреди постојано се „оплеменува“со нови пречки

Од иницијативата „На точак“ која се залага за поголеми права за велосипедистите во главниот град упатија апел до Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје да, како што велат, престанат да ја уништуваат велосипедската патека на бул. Партизански одреди. 

-Едно е што со години одбегнувате да ја обележите патеката, што не правите заобиколувања на автобуските постојки, што при секоја "реконструкција" заборавате да ги слеете рабниците, а сосема друго е што при секој зафат на булеварот страда велосипедската патека. Поставивте контејнери на патеката. Поставивте семафори на патеката. Поставивте бандери за известување дека е пешачки премин на патеката, велат од „На Точак“. 

Ентузијастите кои постојано алармираат на пречките со кои секојдневно се соочуваат велосипедистите велат дека надлежните наместо да се трудат да направат едноставно праволиниско движење, тие секоја година ја оплеменувате патеката со нови пречки.

-Лани при копање на зеленилото направивте дупки во асфалтот на патеката. Цела година измина, асфалтот не го поправивте, дополнително се погриживте да направите нови дупки онаму каде што работите. Наместо да разговараме за проширување на мрежата, ние се враќаме назад, се трудиме да ја одржиме постоечката патека во квазинормална состојба. Фасцинантно е како се промовира развој на велосипедска мрежа низ цело Скопје, а на терен се уназадува функционалноста на постоечката инфраструктура, заклучуваат од „На Точак“.