„Велосипедската патека блокирана со возила и контејнери, а јас добив казна зошто не сум возел по неа“ - тетовец сведочи за необична ситуација

Тетовецот Илија во објава на Фејсбук сподели дека добил казна додека управувал електричен тротинет по, како што вели, обележана велосипедска патека на булеварот „Илинденска“.

Како што раскажа во објавата, тој бил запрен од полициски службеници во близина на Земјоделското училиште, при што му била побарана лична карта и му било соопштено дека не смее да се движи по коловозната лента.

Тој објаснува дека во моментот се движел по дел од улицата кој е обележан со црвена боја и се користи како велосипедска патека, притоа посочувајќи дека патеката била попречена со паркирани возила, контејнери, па дури и службено полициско возило.

Младиот тетовец тврди дека при разговорот со полицаецот добил објаснување дека патеката повеќе не се смета за велосипедска патека, иако според него таа сè уште е соодветно обележана на терен.

Незадоволен од постапката, граѓанинот одбил да го потпише прекршочниот налог, за кој вели дека изнесувал 80 евра. Воедно, направил фотографии од состојбата на теренот, на кои, според неговите тврдења, се гледаат непрописно паркирани возила и други пречки на патеката.

Меѓу другото, тој посочи дека целта на неговата објава била некој да му објасни дали велосипедските патеки во Тетово сè уште се велосипедски патеки или се претворени во паркинг-простор за возила и контејнери, а во коментарите под објавата се разви полемика.