Велосипедистите бараат измени во урбанистичкото планирање - задолжително велосипедско паркиралиште за секој новоизграден објект

Намалување на широчината на коловозните ленти, задолжителен минимален број паркирни места за велосипеди за различен тип објекти, задолжително велосипедско паркиралиште за секој новоизграден објект, утврдување правила за поставување урбана опрема како канделабри, корпи за отпадоци, контејнери, воведување категориите велосипедска улица и пат во законите, усогласување на правилници и закони… 

Ова се само дел од предлозите кои на 30 март неформалните групи НаТочак – Скопје заедно со Битола НаТочак, Прилеп НаТочак, Гостивар НаТочак и Штип НаТочак ги испратија до Комората на инженери и архитекти, по нивниот повик до членовите-инженери.

– Комората, заедно со повеќе други институции е дел од интерресорското Координативно тело формирано од страна на Владата на Р.М., за промена на планерската и градителската легислатива, со цел таа да се осовремени и да одговори на новите предизвици на времето, но и на уставните определби за хуманизација на просторот. Ова тело треба да ги земе предвид поднесените предлози и врз основа на нив да изготви текстови за измена на актите – велат од “НаТочак”.

Овие предлози и информирањето на јавноста за потребата и поднесувањето на истите, ќе биде и тема на априлската „Критична маса“ во пет градови во Македонија, а ќе се одржи во среда во Скопје, Штип и Прилеп, во четврток во Битола и во недела во Гостивар. На ова издание на „Критична маса“ велосипедистите ќе возат под слоганот „Подобри закони за поубави градови. Поддршка за промените“.