„Вело родео“ во Градски парк за Денот на Европа

По повод 9 мај- Денот на Европа, Здружението на граѓани Еко Логик, традиционално и оваа година организира „Вело родео“ настани кои се одржуваат во рамки на редовните активности на програмата „Вело училишта‘‘. 

„Вело родео“ настаните ќе започнат денеска во 11 часот кај Школка во Градскиот парк во Скопје, а утре продолжуваат во Вратница, а задутре во Чешиново Облешево.

„Вело родео“ претставува концепт на организирање настани на отворено, кои имаат за цел промовирање на велосипедизмот, со акцент на унапредување на постоечките и стекнување со нови вештини кај деца од различни возрасти. 

Главен фокус на настанот е насочен кон препознатливиот вело полигон, а како дополнителни активности се издвојуваат едукативните игри креирани од здружението Еко Логик, на теми поврзани со заштита и унапредување на животната средина, одржлив развој, велосипедизам, како и креативните работилници кои ги водат познати уметници од државата.

Во текот на одржувањето на сите настани, ќе биде поставена и изложба на пристигнатите цртежи кои беа дел од ликовните конкурси објавени во 2019 и 2020 година.

„Вело родео“ е поддржано од Делегацијата на Европска Унија, Europe House и Град Скопје.