Скопје треба да стане затворен град. Ниту градот ниту скопјани немаат потреба од толку многу нови градби. Ова во изјава за ТВ Блумберг Адрија го изјави Никола Велковски од Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија.
Според него, во моментов, во Скопје купуваат тие што имаат пари за втор или трет стан, како и граѓаните од внатрешноста.
„Но, Скопје нема ресурси да ги задоволи потребите на сите што доаѓаат. Државата мора да се насочи кон рамномерен регионален развој, затоа што Скопје не може да ги прифати сите. Немаме улици, имаме проблеми со сообраќајот, ако овој тренд не запре за кратко време, градот ќе доживее инфаркт на водоводната и канализациската мрежа. На неа се врзуваат сите нови згради, а таа е стара и не е во размер што е потребен за толку многу објекти“, вели Велковски.
Тој, исто како и аналитичарите на „Блумберг Адрија“, смета дека идната година цените на становите ќе паѓаат, а ќе се намалува и градежната активност, пред сѐ поради тоа што недостигаат јавни инвестиции.
„Недостигаат квалитетни државни инфраструктурни проекти“, вели Велковски.