Велковски: Потенцијалот на младите, дијаспората и повратниците мора да го претвориме во конкретен развој

Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски денеска оствари средба со Кристофер Левик, Регионален директор на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) за Европа и Централна Азија, на која биле разгледани досегашната соработка и можностите за нејзино дополнително продлабочување.

Во фокусот на разговорот биле циркуларната миграција, дијаспората и повратниците, како и начините економскиот, човечкиот и знаенскиот потенцијал на македонската дијаспора да биде ставен во функција на развојот на државата.

Велковски посочил дека младинската емиграција мора да се разгледува и во контекст на актуелните демографски трендови, нагласувајќи дека една од клучните цели е создавање услови младите да ја препознаат Македонија како место во кое можат да го градат својот живот, да ги развиваат своите знаења и потенцијали и активно да придонесуваат кон општествениот и економскиот развој.

На средбата било истакнато и значењето на досегашната соработка со ВФД, поддржана од Шведска, преку која биле реализирани анализи, консултации, регионални студиски посети и размена на искуства со Србија, Албанија и Косово.

Стекнатите искуства, како што било посочено, се поврзуваат со националните приоритети и мерките предвидени во Националната развојна стратегија.

„За нас е важно меѓународните партнерства да носат конкретна додадена вредност за граѓаните и институциите. Размената на искуства и експертиза треба да се преточи во конкретни политики и мерки – за младите, за повратниците и за поголемо вклучување на дијаспората во развојот на државата“, истакна Велковски.

Тој нагласи дека младите, дијаспората и повратниците претставуваат значаен потенцијал за иднината на Македонија, а институционална обврска е тој потенцијал да се претвори во конкретни развојни политики и резултати.