
Пензиите во Македонија се очекува да се зголемат за 3 до 3,5%, најави министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.
Тој посочи дека точниот процент ќе биде познат на почетокот на септември, по што зголемувањето треба да биде вклучено во исплатата на септемвриската пензија, која пензионерите ќе ја добијат на 1 октомври.
Засега останува важечкото законско правило за процентуално усогласување на пензиите. Велковски најави дека евентуални дополнителни интервенции би се разгледувале понатаму, а следното редовно усогласување е предвидено за март 2027 година.
И премиерот Христијан Мицкоски неодамна порача дека во тек се пресметките за законското, процентуално усогласување на пензиите.
„Тоа ќе биде редовно нивелирање, усогласување согласно закон. Знаете дека постоеја иницијативи од страна на поединци, во позадина охрабрени од политички партии, пред Уставниот суд да покренат тема за линеарното зголемување на пензиите. За да ги заштитиме пензионерите и пензиите, понатаму зголемувањето ќе биде согласно усогласувањата предвидени со закон“, рече премиерот Мицкоски.