Домаќинствата веќе почнаа со подготовки за претстојната празнична трпеза за Велигден. Граѓаните веќе подогло време се жалат на превисоките цени на храната, и, како што велат нема да бидат изненадени трговците повторно да ги кренат цените предпразнично.
Почна сезоната на свеж зеленчук, а за Велигден традиционално се јаде јагнешко. Неизбежни се и јајцата за вапцање.
Табла јајца може да се набави по цена од 180 до 300 денари. Килограм јагнешко може да се најде за 600 денари, а има и повисоки цени, од 650 денари нагоре... Телешкото се продава од 800 до 1200 денари за килограм.
Килограм крставици се нуди по цена од 100 до 140 денари. Свежите пиперки се поскапи, од 140 денари па нагоре.
Веќе на пазарите и низ маркетите има и свежи јагоди кои се продаваат по 100-150 денари за канче.
Според последните статистички податоци цените во март се пониски за 1,3 отсто во однос на месец февруари. Според Државниот завод за статистика, во март најмногу се намалиле цените на храната и безалкохолните пијалоци.