
Жителка на Велес на 61-годишна возраст била хоспитализирана откако пред неколку дена била касната од пајак од видот „црна вдовица“ додека работела на поле во велешкото село Еловец.
Помош побарала откако отровот почнал да делува, а по укажаната медицинска помош во Велешката болница била префрлена на понатамошен третман на Клиниката за токсикологија во Скопје.
„Жена од Велес на 61-годишна возраст е донесена во Ургентниот центар во вечерните часови. Додека била во поле ја каснал пајак на левата надлактица. Пациентката се јавила со болки во раката и грбот, вртоглавица и грчеви по целото тело. Истата е згрижена, дадена соодветна терапија и во договор со Клиника за токсикологија во Скопје трансферирана е кај нив за понатамошен третман“, изјавила д-р Ана Марија Џунџева, портпаролка на Општата болница Велес.
Пајакот што ја каснал жената бил усмртен и донесен во болницата, каде што дежурните лекари потврдиле дека станува збор за црна вдовица.
Од Велешката болница велат дека не паметат во последните четири децении да имале ваков случај на каснување од овој вид пајак.