Крива Паланка е градот кој веќе го започна новогодишното украсување. Веќе традиционално ова мало градче неколку години по ред наликува на вистинска зимска бајка со оглед дека уште од крајот на ноември почнува да се украсува во новогодишно руво на повеќе локации.
На улиците во централното градско подрачје деновиве веќе се поставуваат светлечки украси, а се очекува и богата празнична понуда на градскиот плоштад. Неофицијално, музички ѕвезди ќе има и токму на новогодишната ноќ.
Градот минатата година, токму во празничниот период, беше посетен од голем број туристи, во прв ред семејства со деца кои најмногу се радуваат на новогодишната бајка, па затоа расте и бројот на сместувачки капацитети.
Крива Паланка, минатата година ја нарекуваа „македонската Трикала“ или „македонското божиќно село“.
И македонскиот туристички бисер Охрид се подготвува за новогодишно украсување и органзииран дочек на Новата година, но засега, како што велат надлежните од општината, се прават подготовките.
За Скопје, главниот град, нема најави за новогодишно украсување, но нема ниту надеж кај жителите, со оглед дека градот изминатите две години беше оскудно празнично уреден.