Вегефест 2015 – револуција која почнува во твојата чинија, за права на животните

Под мотото „Револуција која почнува во твојата чинија, за права на животните!“, ќе се одржи четвртото издание на фестивалот Вегефест. Целта на фестивалот на кој се промовира веганската исхрана е да се насочи вниманието кон најобесправените, речиси невидливи суштества  – фармските животни.

„Секојдневно искористувани, свирепо убивани за храна, мода и профит, лишени од слобода и од можност нормално да живеат според карактеристиките на својот вид, овие сетилни битија во модерното конзумерско општество се сведени на продукти и предмети, безгласни робови на кои им е одземено достоинството, одгледувани и размножувани во ужасни услови, деградирани до болка, со една единствена цел – свирепа непотребна експлоатација. Ние можеме да живееме поинаку“, посочуваат организаторите на Вегефест.

Тие повикуваат на сочувствителност, хуманост и разум, за да му се даде шанса на животниот стил без насилство, почнувајќи од својата исхрана.

„Со овие мали чекори можеме да направиме големи и значајни промени за подобро на сите: животните, луѓето, екосистемот и планетата земја. Нашиот апел до секој еден е да не биде пасивен конзумент и да го бојкотира и осуди насилството врз животните со тоа што ќе ѝ даде шанса на веге исхранат.“, додаваат од Вегефест.

Фестивалот ќе се одржува во хотелот Континентал, во недела(15 ноември), со почеток во 11 часот.