Веге бургери со тиквичка

Летно, свежо и супер вкусно! Во нашата кујна ги припремивме највкусните веге бургери со тиквичка. Рецепт кој вреди да се направи и дегустира.

Тиквичките се симбол на летото, а може да се приготвуваат на различни начини. Овој пат ги направивме омилените плескавици од тиквички и ги искористивме за подготовка на вкусни веге бургери.

Состојки:

  • 4 лепчиња за сендвичи
  • 4 листови зелена салата
  • 1 домат
  • 1 главица црвен кромид.

За веге плескавици од тиквичка (12-14 плескавици):

  • 2 тиквички
  • 2 јајца
  • 1 лажица сенф од Витаминка
  • 3 лажици пченкарно брашно
  • 5 лажици интегрално брашно
  • ½ лажичка лук во прав или 2 чешниња свеж лук
  • ½ ќесичка прашок за пециво од Витаминка
  • 1 лажица мешан зачин Дафинка
  • сол и мелен црн бибер по вкус
  • копар, нане или свеж магдонос по избор
  • Брилијант маслиново помас масло за пржење.

За сос: 

  • 4 лажици Витанез мајонез
  • 1 лажица кечап
  • 1 лажица сенф
  • ½ лажичка кромид во прав
  • ½ лажичка лук во прав
  • ¼ лажичка црвена пипер
  • ¼ лажичка шеќер
  • прстофат сол.

Подготовка:

  1. Тиквичките изрендајте ги на крупната страна од рендето. Ставете ги во длабок сад и посолете ги. Оставете ги 15 минути. Потоа добро исцедете ги.
  2. Во садот со тиквичките додајте ги јајцата и сенфот. Измешајте ги и додајте ги пченкарното, интегралното брашно, прашокот за пециво, лукот во прав и мешаниот зачин. Добро измешајте и зачинете со сол и мелен црн бибер по вкус. На крај додајте ситно сечкан копар, нане или свеж магдонос по избор.
  3. Во нелеплива тава на оган, на умерено висока температура ставете 3-4 лажици масло да се загрее. Во загреаното масло со помош на поголема лажица или црпалка ставете од смесата и формирајте плескавица. Плескавиците пржете ги по 1-2 минути од двете страни, додека поруменат. Пржените плескавици извадете ги врз кујнска хартија за да се впие вишокот на масло.
  4. Во длабок сад ставете ги состојките за сосот и добро измешајте.
  5. Лепчињата за сендвичи пресечете ги на половина и потпечете ги на тостер.
  6. Врз едната половина на лепчето ставете по 1 лажица од сосот, зелена салата, 1-2 веге плескавици, парче кромид и домат. Ставете ја втората половина од лепчето. Постапката повторете ја со сите лепчиња. Послужете и уживајте во светот на вкусовите.

Се за храна