Вечерва во МСУ се отвора изложбата на улични фотографии на Милчо Манчевски

Изложбата фотографии „Таму“ од Милчо Манчевски се отвара вечерва во 20 часот во Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје, а притоа ќе се промовира и истоимената книга фотографии во издание на „Антолог“. Поставката и книгата содржат 88 колор фотографии создавани во период од десет години по улиците на Индија, Њујорк, Виетнам, Русија, Македонија, Тајван, Куба, Турција, Црна Гора, Тексас…

„Таму“ го надградува и го проширува досегашниот опус на фотографски дела на Манчевски, изложбите „Улица“ и „Пет капки сон“ кои исто така беа изложени во МСУ, а потоа патуваа во Њујорк, Шангај, Москва, Стокхолм, Софија, Италија, Франција, Доминиканската Република, Србија, Грција, Хрватска…

„Таму“ ги отфрла границите – географските, формалните и другите, вели во предговорот на книгата Конор Мекгрејди, ирскиот уметник, критичар и декан на Колеџот за уметност „Бурен“, за новиот фотографски опус на Манчевски.

Со „Таму“, Манчевски го промовира новиот хаштаг #никропнифотошоп (#nocropnophotoshop) со кој посочува дека неговите фотографски дела не се ниту кропирани, ниту манипулирани во постпродукција. Тие се моменти на уличното секојдневие естетизирани во мигот на улов.

Кураторката на изложбата Бојана Јанева-Шемова смета дека уникатноста на уметничката фотографија на Манчевски е во визуелниот јазик, кој допира до секого поради универзалните емоции кои зрачат од интеракцијата на ликовите, поставеноста на елементите кои ја градат композицијата и колоритот кој напати остава без здив.

Визуелната моќност е присутна во сите негови дела, сугерирана пред сѐ од композициската структура до совршеност донесена во некои дела преку прочистена и смирена симетрија, во некои тенденциозно прекршена со цел да пренесе поинакво чувство. Колку и да се на прв поглед непретенциозни секвенците од ‘Таму’, при задлабочување полека откриваат слоеви на обмислена идеја, длабоки чувства и силни бои на животот во целост, вели Јанева-Шемова.

Книгата „Таму“ е мултимедијален книжевно-уметнички проект. Издавачката куќа „Антолог“ и Манчевски го работеа повеќе од две години. Книгата во тврди корици и на хартија со внимателно избран квалитет е печатена во „Датапонс“, а самите фотографии во голем формат за изложбата се печатени во „ПиксПлус“. Дизајнот на книгата е на Моника Стојчевска, а колор обработката на Александар Петревски и Орце Поповски.