Вечерва во МОБ хуманитарна изведба на „Мадам Батерфлај“

Вечерва, со почеток од 20 часот, во Македонската опера и балет, операта „Мадам Батерфлај“ од Џакомо Пучини ќе има хуманитарна изведба, а средствата од продадените билети ќе му се подарат на семејството Ристески кое живее во субстандардни услови во селото Долгаец кај Прилеп.

Одлуката за овој хуман гест на МОБ следува по апелот за помош на семејството Ристески, мајката Марина, таткото Јован и нивниот тригодишен син Александар. На ова семејство, како што наведуваат од МОБ, му е потребен топол дом, за малиот Александар да има безгрижно детство.

Режисер на преставата е Александар Текелиев од Бугарија, диригент Бисера Чадловска, а во неа настапуваат: Сандра Митровска, Ѓорѓи Цуцковски, Борис Трајанов, Марика Поповиќ, Дејан Стоев, Невен Силјановски, Игор Гиновски, Злата Тошевска, Инес Чадловска, Зоран Даскаловски и Марко Гапо. Дејството во оваа позната опера на Пучини се случува во јапонскиот град Нагасаки, во почетокот на минатиот век, каде младиот американски поручник Пинкертон се жени со петнаесетгодишната Јапонка Чо Чо Сан.