Изложбата на слики „Минливост“ на Тони Попов вечер, во 19:30 часот, ќе биде отворена во Културно-информативниот центар – Скопје, во Салон Империјал 2 и ќе трае до 13 април.
„Минливост“ е серијал од околу 40 фигуративни слики работени во периодот од 2021 и 2022 година. Сликите се работени во акрилна или маслена техника во различни формати.
Тони Попов е уметник кој твори во повеќе медиуми. Повремено пишува сценарија за краток филм, раскази и поезија. Автор е на две збирки поезија: „Моето парче небо” (2008) и „Светот е жеден за збор” (2015). Негови песни и раскази се објавени во списанијата „Разгледи”, „Современост”, „Мантис” и друго.
Со сликарство професионално се занимава од 2011 година. Автор е на седум самостојни изложби, а учествувал на повеќе групни изложби во земјава и странство. Како уметник, бил на резидентен престој во Белгија, Данска и Норвешка. Неговите слики досега се продадени во 17 земји во светот.