Вечерва во Градскиот парк во Скопје ќе биде организирано „Кино на отворено“ со проекција на филмот „Исцелител“

Во организација на Град Скопје и Младинскиот културен центар, вечерва во Градскиот парк во Скопје ќе биде организирано „Кино на отворено“ со проекција на филмот „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески.

Проекцијата на „Исцелител“ вечер ќе биде од 22 часот зад споменикот на Гоце Делчев, а МКЦ за посетителите ќе постави перници за седење.

Од премиерата во ноември, црната комедија „Исцелител“, кој е дебитантски игран филм на режисерот Ставрески, досега доби девет меѓународни награди, од кои пет за најдобар филм.

„Исцелител“ е најпродаван филм, а овојпат на граѓаните им овозможуваме да го гледаат бесплатно, рече градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на прес-конференција по повод настаните, нагласувајќи дека целта е да ги негуваат вистинските културни вредности и да се врати, како што рече, изгубениот сјај наспроти кичот и невкусот.