Вечерва во „Буква“ промоција на стихозбирката „Гранична состојба“ од Лидија Димковска

За книгата и со авторката ќе зборуваат промоторките Искра Гешоска и Александра Јуруковска.

– Поетската збирка „Гранична состојба“ од Лидија Димковска е нејзина седма поетска книга, после временска пауза од четири години од стихозбирката „Црно на бело“. Оваа поетска збирка се комплетира во година кога авторката добива дури две меѓународни поетски награди за нејзиното досегашно творештво, и двете како прв(а) македонски(а) поет(еса): наградата „Чаша на бесмртноста“, за десетгодишен поетски опус што ја доделува поетскиот фестивал „Лириконфест“, во Велење, Словенија и наградата „Наим Фрашери“ што ја доделува поетскиот фестивал „Денови на Наим“ во Тетово, соопштија од издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ.

На тој начин, додаваат, новата поетска збирка „Гранична состојба“ на Лидија Димковска претставува нов лирски меѓник во нејзината поетска ориентација кој донесува нови, актуелни и универзални стихови за човекот, неговото постоење и предизвиците со кои се соочува сега и овде, но и во вечноста.

Лидија Димковска (1971, Скопје) е поетеса, романсиерка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик.

Објавила шест поетски книги: „Рожби од Исток“ (1992), „Огнот на буквите“ (1994), „Изгризани нокти“ (1998), „Нобел против Нобел“ (2001), „Идеална тежина“ (2008), „pH неутрална за животот и смртта“ (2009) и „Црно на бело“ (2016); три романи: „Скриена камера“ (2004), „Резервен живот“ (2012) и „Но-Уи“ (2016); американскиот дневник „Отаде Л“. (2018) и една збирка куси раскази: „Кога заминав од Карл Либкнехт“ (2019), преведени на повеќе јазици.

Ги добила наградата за дебитантско поетско дело „Студентски збор“, двапати наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“, европската награда за поезија „Петру Крду“, наградата на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“, Специјалното признание „Европско културно наследство“ за најдобар расказ, словенечката „Чаша на бесмртноста“ за десетгодишен поетски опус, албанско-македонската поетска награда „Наим Фрашери“ и други.

Нејзините книги биле номинирани и за американската награда „Најдобра книга во превод“ како за поезија така и за проза, за германската „Берлински мост“, за полската „Европски поет на слободата“ и за меѓународната „Балканика“.