Вечерва традиционална Мичуринска средба

Општина Аеродром соопшти дека и годинава ќе ја поддржи традиционалната Мичуринска средба, што ја организира Здружението на граѓани „Мичуринска средба“, а која годинава ќе се одржи по јубилеен дваесетти пат.

Централната манифестација е закажана за среда, во 19 часот, на платото во паркот во населбата Мичурин.

„Во рамки на прославата на големиот православен празник „Свети Василиј“, меѓу народот познат како Стара нова година, ќе се одржи богата музичка програма и неизбежното кршење на традиционалната погача со златна паричка и избор на нов кум на средбата. За цело време на манифестацијата ќе се послужува топол чај, сокови, греена ракија и сендвичи“, информираат од општината.

Во рамките на овогодишната Мичуринска средба ќе се одржи и ученичката приредба од 17 до 19 часот, во чија организација се вклучени младите мајки мичуринки и ученици од ОУ „Блаже Конески“.

Училишната програма ќе содржи рецитали, хорски настапи, куклена претстава и модерни танцови. Инаку, музиката за добро расположение во Мичурин ќе почне во 12 часот на пладне, со што ќе почне одбележувањето на празникот Василица.