Вечерва традиционален Велигденски концерт на „Танец“

Националниот ансамбл за македонски народни игри и песни „Танец“, вечер, во Националната опера и балет, со почеток во 20 часот, ќе го одржи традиционалниот голем Велигденски концерт.

На овој гала концерт ќе биде изведена атрактивна играорна и вокално-инструментална програма од различни региони на земјата, на кои се создавало македонското фолклорно богатство. Со учество на целиот ансамбл, на концертот ќе можат да се проследат одушевувачки кореографски постановки како „Малешевка“, „Сретсело“, „Копачија“ и други бројни бисери од богатата вокално-инструментална ризница.

На нашиот културниот амбасадор „Танец“, му претстои особено динамична меѓународна сезона, која ќе започне во мај со гостувањето во Канада и Америка.

Во рамки на новата концертна сезона насловена „Печат на времето“, Танец годинава одржа серија концерти низ земјава, и тоа во Делчево, Радовиш, Свети Николе, Пробиштип и Кичево, како и во Скопје, на јубилејното издание на фестивалот за македонско музичко творештво „Денови на македонска музика“.