Вечерва проекција на филмот „Свети Никола-вистинска приказна“

Во рамки на Меѓународниот фестивал „Богородичен покров“, вечер на јутјуб платформата на фестивалот ќе се одржи проекција на документарниот филм „Свети Никола-вистинска приказна“.

Филмот е од САД, во продукција на „Lachlan Creative & Vision Video“. Станува збор за документарен филм за животот на Св.Никола, снимен на автентични места од неговиот живот. Познати научници ја разјаснуваат разликата на Св.Никола од Мира и св.Никола од Сион, кои имаат слични животни приказни. Преку историски оригинални документи се потврдува дека св.Никола е реална личност и за прв пат се објавува реалниот лик на Св.Никола како тој изгледал, врз основа на нови научни истражувања.

Утре вечер пак, во рамки на фестивалот, ќе се прикажува „Ватопед“ од Србија во продукција на „Positive Production“.

Како што посочува Зосица Костовска, основач и директор на фестивалот, во филмот историчарот на уметноста Душан Миловановић, говори за еден од најбогатите манастири на Атос, Ватопед, кој е изграден во 13 –от век. Во него престојувал Свети Сава, имал најголема библиотека, а денес има најдрагоцени и најголем број икони, од кои најстарите се од 12-от век.

Подоцна истата вечер ќе се прикажува филмот „Приказна за Вишња“ од Србија во продукција на РТС.

Филмот е потресно сведоштво на неврохирургот др. Тувиј Јусифовић од Израил, за драматичните настани во 1943 и 1944 година, кога граѓаните на Пирот во Србија, ризикуваќи ги своите животи спасиле повеќе еврејски деца и семејства, кои бугарските окупатори планирале да ги предадат во злогласниот логор Треблинка. Др. Тувиј има сили на крај да прости и изговори “Тоа што било, било. Јас не мразам никого.”

Инаку, „Богородичен покров“ годинава ќе се одржува до 25 декември со проекција на филмови во хибридна форма. Во програмата на фестивалот се прикажуваат документарни и играни филмови посветени на културното,  духовно наследство и хуманоста, како и историски и биографски филмови. 

Фестивалот е основан 2016-та година и досега поддржан од 12 амбасади во државата, бројни компании, а медиумски и од МИА.