Вечерва нов спектакл во ЛШ: Вардар го пречекува Пик Сегед

Еден пораз во Лигата на шампионите не смее да ги разниша редовите на Вардар. Барселона е зад избраниците на Раул Гонзалез, а по вчерашните мечевите од групата А (поразот на Нант во Загреб), европскиот првак ја има најголемата шанса да се зацврсти на врвот на табелата и исправено да гледа кон дирекниот пласман во четвртфиналето.

На патот на „црвено-црните“ стои незгодниот Пик Сегед. Унгарскиот вицепрвак на првата пресметка сезонава одигра одлично, Вардар беше тој што извлече реми. Но, сега е поинаку. Дуелот од 12. коло се игра во СЦ „Јане Сандански“, тука досега никој не успеал да се провлече. „Вулканот“ ќе биде речиси исполнет, сите ракометарите ги имаат сите предуслови за да ја забележат деветата победа во Лигата на шампионите.

Унгарскиот вицепрвак кој зад себе ја има одличната игра на гостувањето кај Рајн Некар во составот ќе ги нема Сергеј Харбок, Матеј Габер и Жолт Балог. „Црвено-црните“ пак дефинитивно ќе бидат без помошта на Иван Чупиќ, а под знак прашалник е Игор Карачиќ, кој сигурно ќе биде во составот, но дали ќе настапи одлуката ќе ја донесе шпанскиот стратег.

Со триумф на оваа средба Вардар ќе има 20 бода, три повеќе од Нант и четири од Барселона. До крајот му преостануваат мечевите со францускиот тим на гостински терен и Висла Плоцк на домашен терен. Едно вакво сцераниот за европскиот првак значи дека и пораз кај Кирил Лазаров и победа против полскиот тим ќе биде доволно за да остане на врвот на табелата и да го чека противникот во четвртфиналето.

Натпреварот меѓу Вардар и Пик Сегед се игра со почеток во 17 часот.