Вечерва е доделувањето на златна, сребрена и бронзена „Камера 300“ на ИФФК „Браќа Манаки“

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ завршува вечер со доделување на златна, сребрена и бронзена „Камера 300“ на најдобрите кинематографери кои учествуваа на 43. фестивалско издание.

Во главната програма беа емитувани 14 филмови, од кои најголем дел пристигнаа од фестивалите во Кан, Берлин, Венеција, Карлови Вари.

-Меѓународните филмски фестивали ја имаат мисијата да ја развиваат филмската уметност, да ја помагаат филмската индустрија и да го слават филмот во светски рамки. Затоа за филмските фестивали се потребни и исклучителни дела со силен авторски печат, но истовремено солидни дела направени од филмските професионалци кои се наменети за пошироката публика, рече Слаѓан Пенев, селектор на главната фестивалска програма.

ИФФК „Браќа Манаки“ се одржува под покровителство на претседателот на државата и со поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.