Вечер почнува 39. „Фестивал на солидарноста“

На платото во ТЦ „Лептокарија“ вечер ќе почне 39. Меѓународен „Фестивал на солидарноста“.

Меѓународниот студентски фолклорен фестивал се одржува од 1967 година на иницијатива на скопските студенти во знак на благодарност на земјите кои учествуваа во изградбата на градот Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, по што и го доби синонимот „Фестивал на солидарноста“.

Оваа фолклорна манифестација има меѓународен карактер. Покрај уметнички друштва од Македонија, ќе учествуваат и ансамбли од Србија, Хрватска, Турција и Кипар. Домаќин е Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев”.

Фолкорниот фестивал му претходи на „Карпошовото културно лето“. Отворањето ќе биде на платото во ТЦ „Лептокарија“, а ќе се одржат концерти и во Општина Гази Баба, како и во градот Велес.

Во рамки на фестивалот ќе биде организиран и Семинар за фолклор кој ќе овозможи дополнително вмрежување и размена на искуства и знаења меѓу учесниците. Предвидени се и работилници за презентација на народните носии, чекорите во ритмичките игри, инструментите и мелосот.