„Ве сакам сите!“, „Кога ќе ви одземат сè, ќе ви останат двете раце, составете ги една до друга за молитва“...

Една од најголемите македонски музички ѕвезди во 2007 година го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка на само 26 години. Него го сакаше цела Македонија, го обожаваше цел Балкан, а да беше жив до денес, тој веројатно ќе го освоеше и цел свет.

Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година, во Прилеп, но израсна во Крушево – место кое никогаш не го заборави и на чија афирмација постојано работеше. Во своите 26 години живот, тој ни подари музика која буди силни емоции, разубави стотици детски животи, помогна секаде каде што имаше потреба.

Тоше постхумно беше прогласен за почесен граѓанин на Македонија и беше погребан со најголемите државни почести.

Ве потсетуваме на неговите најубави цитати:

„Да имам огромна моќ, макар и накратко, би направил да исчезне омразата и злото и луѓето меѓусебно да делат љубов.“

„Кога ќе ви одземат сè, ќе ви останат двете раце, составете ги една до друга за молитва. Тогаш ќе бидете НАЈСИЛНИ.“

„Мирот си го наоѓам тука. Мирот ми е тука и мислам дека ова е суштината. Нема слава, нема популарност, славата не ми е битна, никогаш нема да проаѓам преку живи лешови за да стигнам до слава затоа што не ми е потребна. Ја сакам музиката и ова го правам заради музиката, а не заради слава. Овде ми е мирот и знам дека после сè, ќе завршам тука.“

„Секоја жена на овој свет заслужува во очите на барем еден маж, во еден момент, во една секунда, па макар и тоа да биде само еднаш во животот, да се почувствува како да е најпосакуваната жена на светот и ако цел живот ми помине во тоа, ќе знам дека не сум го потрошил залудно.“

„Не сакам да ми симнувате капа. Само сакам да се гордеете со мене.“

„Без оглед на она што го велат дека скромноста е одлика на глупавите луѓе, јас не се согласувам со тоа. Скромноста е одлика на добрите луѓе.“

„Моето животно мото е „Како Господ никој не е – Сè е во божјите раце“.“

„Никогаш нема да си речам себеси: Секоја чест. Работам нешто што го сакам, но сам себе никогаш не си се одушевувам. Често наоѓам маани, но тоа е дел од мојата работа. Не се идеализирам себеси, но ниту кој било друг колега пејач. Моите колеги можам само да ги ценам. Единствен идол ми е Бог, а сите останати луѓе добро или малку полошо си ја работат својата работа.“

„Никогаш не би се одрекол од пријателите, секогаш би бил крај нив, во добро и во зло. Во доброто за да се радувам на успехот, а во злото за да помогнам.“

„Суштината на животот е да се сака, да имаш некој што те сака, да си сигурен дека те сака и дека е само со тебе.“

„Мојата публика за мене е најголема радост. За нив пеам, живеам и знам зошто ме сакаат, затоа што никогаш не се штедам, дури и по цена да паднам во несвест од замор после концерт. Апсолутно не се штедам кога е во прашање музиката и публиката.“

„Целта на мојот живот не е кариерата, туку контактот со луѓето, таа можност со нив да разменувам енергија. Сакам на сите околу мене да им влијаам позитивно, тоа е мојата мисија.“

„За мене е незамисливо оној кој може да им овозможи нешто на оние кои имаат малку или немаат ништо, да ги затвори очите и да не подаде рака.“

„Верувам во Бога и единствено него можам да му се заблагодарам за дарот кој го имам, затоа што ова што го правам го сметам за мисија која Тој ја извршува преку мене. Јас сум само марионета.“

„Ете популарен сум, ѕвезда сум, односно вие велите дека сум ѕвезда. Исто така велите дека сум хуман, но човек секогаш може да биде похуман од тоа што е.“

„Цел свет е убав кога си насмеан. Кога си нерасположен, те нервира и сончев ден.“

„Човекот мора да остане човек, без оглед на тоа со што се занимава и каков успех постигнал.“