Само во текот на вчерашната вечер санкционирани се 360 учесници во сообраќајот, од кои 29 возачи управувале без возачка дозвола, четворица управувале под дејство на алкохол, 79 возачи возеле со брзина поголема од дозволената. Ова е само во текот на вчерашниот ден, на територија на град Скопје.
Минатата година имало 142 жртви во сообраќајни несреќи. Овој податок го соопшти синоќа министерот за внатершни работи Панче Тошковски кој беше на терен во посета на полициските службеници кои учествуваат во засилените сообраќајни акциски контроли низ главниот град.
- Фокусирани сме на булеварите бидејќи тие се црните точки каде најчесто се случуваат сообраќајните несреќи и се одземаат човечки животи. Упатувам апел до сите учесници во сообраќајот, особено до возачите, да бидат внимателни, да ги почитуваат доследно сообраќајните правила, да не управуваат возила надвор од дозволената брзина, да не поминуваат на црвено, да не забрзуваат на жолто, да не управуваат возила под дејство на алкохол, бидејќи највредното нешто што го имаме во државата се луѓето, односно човечкиот живот, порача Тошковски.
Статистички најголем број сообраќајни прекршоци се со возење со брзина поголема од дозволената.
МВР ќе преземе голем број дејствија во рамки на надлежностите и ќе делуваме максимално активно и превентивно во дејствијата кои може да се преземат од наша страна, вети министерот.
- Минатата година има 142 жртви во сообраќајни несреќи. Тоа се страшни бројки. Сите како општество мора да се фокусираме тие бројки да се намалат. Имаме начин како да се намалат овие бројки. Интензивно работиме на имплементација на проектот „Безбеден град“ кој ќе прерасне во „Безбедна држава“. Овој проект апсолутно ќе помогне во зачувување на човечките животи и во зголемување и имплементирање на сообраќајна култура која ни е потребна, изјави Тошковски и додаде:
- Сигурен сум дека во иднина со макотрпна работа, реализација на планираните проекти и усогласување на законската регулатива ќе имаме значително помали бројки на жртви од сообраќајни незгоди.