Важни правила доколку сте велосипедисти: Која е максималната брзина, каде и како смеете да возите и што да превезувате

Велосипедистите во Скопје стануваат се побројни. Овој вид на алтернативен сообраќај е добредојден во град кој континуирано се бори со аерозагадувањето, но од друга страна постојат правила кои велосипедистите мора да ги почитуваат со цел своја и безбедност на останатите учесници во сообраќајот. 

Ова се правилата кои мора да ги знаете. 

-Велосипед на пат може да управува лице кое наполнило десет години.

-Во зона на смирен сообраќај,  велосипед може да управува лице помало од  десет години  само ако е во придружба на лице постаро од 16 години.

 -Возачот на велосипед може да превезува други лица само ако на велосипедот постојат   посебни седишта.      

-Деца помали  од 14 години не смеат на велосипед да превезуваат други лица.

-По автопат, експресен пат и на пат резервиран за сообраќај на моторни возила, не смеат да се движат  велосипеди.

-Возачот и лицата кои се превезуваат со велосипед ноќе и во услови на намалена видливост треба да носат рефлектирачки елек за време на возењето на патот.

-На велосипедот задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна, како и катадиоптeр со црвена боја или рефлектирачка лента на задната страна и по еден катадиоптер со жолта или портокалова боја на секоја страна.

-Возачот на велосипед е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото и не смее да ги симнува рацете од управувачот, и не смее да се придржува за друго возило.

- Возач на велосипед, за времето додека управува со велосипедот не смее да води животни.

-На велосипедски патеки уредени и обележани за сообраќај на велосипеди  во двете насоки, велосипедистите  се движат по десната страна во правецот на движењето.

-Ако на патот постои посебно уредена велосипедска патека, возачот на велосипед се движи по десната велосипедска патека во однос на правецот на движењето на сообраќајот.

-25 km/h е ограничена брзината за велосипеди кога се движат по велосипедска патека или лента.

-Возачот на велосипед е должен да се движи што поблиску до десниот раб на коловозот, а ако постои велосипедска патека - по велосипедската патека, односно лента.

-Ако двајца или повеќе возачи на велосипед се движат во група должни се да се движат еден позади друг.